shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Триумф над Брегалница (2-0) зачинет со одлична игра

Работнички ја оствари третата победа во новата сезона од Првата фудбалска лига откако на арената „Тодор Проески“ ја совлада Брегалница со 2-0. Во одличен натпревар, тимот на Александар Влахо покажа доминација, создаде десетина шанси, а реализираше две, преку Лука Станковски во 28.минута и Александар Ристевски од пенал во 83.минута. По ова, Работнички со 11 бода се наоѓа на четвртата позиција на табелата.

Во 15.минута, Денковски погреши при додавање, пресече Кристијан Стојкоски, шутираше, но крај голот. Две минути подоцна имаше уште една шанса откосо од левата страна.

Во 18.минута, Стојкоски центрираше, а Рафаел Гоес со удар со глава шутира за малку крај дирекот од голот на Брегалница.
Четири минути подоцна, Марио Станковски шутира откосо од левата страна, но Давид Денковски одбрани.

Овие фуриозни напади беа најава и за водството на Работнички. Во 28.минута, Кристијан Стојкоски нафрли од левата страна, Марио Станковски повлече човек во петерецот, натрча Лука Станковски и иако беше блокиран, сепак, во пад успеа да ја удри топката и да ја внесе во мрежата. Брегалница се обиде со удари од далечина, но не беа прецизни.

На почетокот на вториот дел, уште две одлични шанси. Кристијан Стојкоски продре по десната страна и му подготви шанса на Марио Станковски, но тој за еден чекор задоцни за да реализира. Во 55.минута, Кристијан Стојкоски шутира од 15 метри, но за малку крај дирекот од голот на Денковски.

Во 61.минута, сериозно се закани Брегалница. Бобан Георгиев шутираше силно од 15 метри, но Ристе Јанков одлично одбрани.
Две минути подоцна, Лука Станковски со одлична шанса. Методи Максимов одигра повратна, а тој непречен од никого шутираше од работ на шеснаесетникот. Сепак, директно во Денковски кој одбрани.

Во 83.минута, Тантуровски одлично го проигра во празно Кристијан Стојкоски кој излезе сам со голманот Денковски. Од зад грб стартуваше Азиновиќ во шеснаесетникот и беше досуден пенал. Успешен од белата точка беше Александар Ристевски за триумф од 2-0.

РАБОТНИЧКИ – БРЕГАЛНИЦА 2-0 (1-0)

Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Александар Грујоски (Кичево). Стрелци: Л. Станковски 28’, Ристевски пен. 83’ (Работнички). Ж. картони: Максимов, Османоски, Јанков (Работнички), Манев (Брегалница)

РАБОТНИЧКИ: Јанков, Ристевски, Кировски, Позњак, Максимов (85’ Тодоровски), Ристовски, Гоес (84’ Илиевски), Османоски, Л. Станковски (88’ Аломеровиќ), Стојкоски (85’ Стојков), М. Станковски (78’ Тантуровски).

БРЕГАЛНИЦА: Денковски, Манев, Азиновиќ, Коцев (78’ Муарем), Маневски (78’ Миленковски), Ескиќ (78’ Наумоски), Ацковски, Додев, Стојанов, Џокиќ (59’ Георгиев), Алтипармаковски.