shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Влахо: Кога нема да се искористат толку многу шанси…

Работнички ремизираше на гости против Беласица (1-1) и репрезентативната пауза ќе ја мине на петтата позиција со 33 овоени бода. Тренерот Александар Влахо и фудбалерите ќе имаат доволно време да анализираат и да се обидат да ги исправат грешките кои се појавија на последниот меч. Сигурно е дека тимот потфрли во реализацијата на шансите, а одбраната дозволи поради едно невнимание да прими погодок. На крајот, Петар Петковски успеа да спаси бод иако планот беше да се оствари триумф на дуелот со Беласица.

„Кога нема да се искористат толку многу шанси, јасно е дека не може да се освојат три бода. Реализацијата беше на многу лошо ниво и на крајот можеме да бидеме среќни што погодивме во самата завршница за да дојдеме до реми. Ќе мора да работиме напорно во овие две седмици, главен проблем на последниот меч секако беше слабата реализација. Во тој сегмент потфрливме максимално иако бевме доминантни во поле, посебно во второто полувреме и создадовме дузина шанси пред голот на Беласица. Но, ефикасноста беше многу лоша. Ја погодивме и рамката од противничкиот гол, недостигаше и малку среќа за да биде се поинаку. Но, среќата се заслужува. На почетокот на мечот дозволивме да примиме гол поради едно наше невнимание во одбраната и му дозволивме на противникот да се чувствува многу покомфорно во водство. Не можам да најдам замерка за желбата, залагањето, но недостигаше концентрација и завршен удар за погодок“, анализира шефот на стручниот штаб, Александар Влахо.

Празниот натпреварувачки викенд Работнички ќе го пополни со пријателски натпревар против прволигашот Ренова. Мечот е закажан за в сабота, со почеток во 15 часот, на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.