shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Влахо: Има напредок во играта, но и тактички грешки кои мора да ги анулираме

Работнички одигра 1-1 против Силекс на првиот пролетен натпревар на домашен терен. Нашиот тим имаше водство со голот на Никола Прелчец, но во финишот Иван Галевски донесе израмнување и еден бод за Силекс. Шефот на стручниот штаб Александар Влахо вели дека во глобала може да биде задоволен од напредокот во играта на тимот, но исто така потенцира и дека во текот на мечот се случија неколку тактички грешки по кои противникот доби можност да постигне погодок.

„Можам да бидам задоволен од напредокот во играта на тимот. Имавме одлични моменти, офанзивен пристап, агресивност во играта, напаѓавме и создадовме шанси, постигнавме погодокот по акцијата на Максимов и Прелчец. Но, имаше и тактички грешки, во одредени моменти дозволивме лесно да испаднеме од игра и противникот преку контранапади го загрози нашиот гол. Ќе мора да поработиме на тој план и да усовршиме некои детали за да бидеме уште пофункционални и поквалитетни во иднина. Што се однесува до резултатот, имавме водство до пред крајот, но не успеавме да го сочуваме. Ако се анализира целиот меч, ремито е веројатно и најреален епилог“, вели шефот на стручниот штаб, Александар Влахо.

Работнички в среда, во 21.коло на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го пречека лидерот Шкендија. Главен судија на натпреварот ќе биде Александар Ставрев, а ќе му помагаат Гоце Петрески и Бранко Путилин. Делегат на натпреварот е Гоце Шопоски (Струга), а контролор на судењето ќе биде Делчо Јакимовски (Скопје).