shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

ФК Работнички по третпат дел од официјалниот собир на клубови на CAFE

Фудбалскиот клуб Работнички по третпат беше дел од официјалниот собир на клубови на CAFE (Center for Access to Football in Europe), кој се одржа овој месец, а поради веќе познатата ситуација со коронавирусот, беше онлајн.

Единствен член од клубовите од ПМФЛ, како и досега, беше Одговорното лице за инклузија во фудбалот (Disability Access Officer -DAO), Огнен Велевски од ФК Работнички.

Фудбалскиот клуб Работнички веќе трета година по ред е единствениот клуб од нашата земја кој достојно и рамо до рамо со големите европски клубови се залага и активно се вклучува во процесите за унапредување на инфраструктурата за пристапност до стадионите и вклучување на лицата со попреченост во фудбалот и фудбалската игра.

„Мене ми е многу драго што веќе трета година по ред имам шанса да го претставувам ФК Работнички на Собирот на клубови на CAFE. Оваа година немавме можност да се видиме во живо со колегите од другите клубови, но оваа ситуација не нѐ спречи да ги споделиме нашите активности кои сме ги оствариле минатата и предминатата година, особено да видиме кој од нас на каков начин нашол решенија за остварување на своите активности, кога стадионите ширум Европа се со лимитиран капацитет или затворени за посетители, а особено за лицата со попреченост. Темите беа многу интересни. Ги споделивме нашите размислувања за тоа како би можело да се менаџира во време на пандемија со фановите со попреченост, кога бројот на гледачи на стадионот е лимитиран и многу намален.

Наш предмет на интерес беше темата за „Создавање на услови во клубот, да можат фановите со попреченост да земат улога на волонтери-стјуарди пред, за време и по мечот”. Кои сервиси и услуги би можеле да се создадат, за тие да земат активна улога во организацијата за мечот.

Понатаму, се зборуваше претстојниот настан Недела на акција 2021 (CAFE Week of Action 2021) која ќе се одржи од 6. до 14. Март, и на други теми, кои беа доста интересни за размислување и дебата за клубовите”, вели Огнен Велевски.

ФК Работнички и понатаму ќе се залага и ќе биде дел од овие настани и случувања, сѐ со цел да создава и да ги унапреди условите за пристапност и инклузија во фудбалот.