shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Силјановски: Тимската хемија ќе биде силно оружје на Работнички

Фудбалерите на Работнички веќе петти ден во Охрид успешно ја реализираат главната фаза од подготовките за новата натпреварувачка сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Капитенот на „романтичарите“, Горан Силјановски очекува тимот максимално подготвен да го дочека стартот на шампионатот, низ пријателските натпревар темпирајќи ја формата за новите предизвици.

„Условите во Охрид се прекрасни. Тренираме во пеколно темпо по два пати на ден. Тимската хемија е на завидно ниво и ништо не ни изгледа тешко и невозможно. Токму тоа единство во тимот верувам ќе биде наше силно оружје сезонава. Полека влегуваме во завршната фаза од подготовките и низ тест средби треба да ја доведеме формата до завидно ниво“ – вели Силјановски.

Работнички на првиот тест дуел летово славеше со 2-0 против Пелистер.

„Секоја победа е добра за ветар во грб на екипата, но мене како капитен ме радуваше играта и пристапот во мечот. Во Охрид ќе одиграме уште две контролни средби со Шкендија и со Тиквеш, па ќе имаме уште две можности да видеме до каде сме со подготовките“ – истакнува Силјановски.

Следниот пријателски натпревар на Работнички е во петок (24. јули) против Шкендија, а ден потоа тимот ќе се соочи и со второлигашот Тиквеш.