shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Победа над Шкупи за бегство од дното

Работнички ја оствари втората победа оваа пролет, откако со пресврт славеше триумф над Шкупи од 2-1 на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Давид Тошевски беше стрелец на двата гола за нашиот тим и ја донесе втората победа за тренерот Ратко Достаниќ. По ова, Работнички го напушти дното на табелата и стигна до 21 бод.
Борбен натпревар со големо значење, а први се заканија гостите преку Дембо, но Шишковски успеа да неутрализира. Возврати Тошевски со шут од далечина, но немаше промена на резултатот.

Во 39.минута, игра со рака во шеснаесетникот на Работнички, судијата Константин Влахо покажа на белата точка, а Бесар Исени го надмудри Шишковски за водство за Шкупи. Тошевски можеше да израмни до полувремето, но погодок спречи Игор Алексовски.

На почетокот на второто полувреме сепак дојде израмнувањето. Петар Петковски проби по левата страна, а Давид Тошевски се најде на вистинското место и погоди во 52.минута.

По ова играта на Работнички доби во ритам, повторно Петар Петковски беше во акција, а Давид Тошевски во 77.минута постигна победнички погодок. До крајот, многу нервоза, црвени картони за Милош Тошески и за Мухарем, а бодовите ги освои Работнички.
РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ 2-1 (0-1)
Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Константин Влахо (Скопје). Стрелци: Тошевски 52’, 77’ (Работнички), Исени 39’ (Шкупи). Ж. картони: Јевтоски, Силјановски, Петковски, Тошески, Херера, Шишковски (Работнички), Гоудијаби (Шкупи). Ц. картони: Тошески (Работнички), Мухарем (Шкупи).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Велковски, Ѓорѓевиќ, Херера, Стојков, Јевтоски, Тодоровски (70’ Тошески), Петковски (85’ Јаник Дао), Шаркоски (46’ Крстовски), Тошевски.

ШКУПИ: Алексовски, Демир, Илиески, Нето, Дијак, Бериша (74’ Јусуфи), Билали (82’ Мухарем), Глишиќ, Дембо, Серџо, Исени (60’ Гоудијаби).