shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Ненад Монев и ФК Работнички дел од структурите на ЕКА

Управниот одбор на Европската Клупска Асоцијација (ЕКА) ја прифати кандидатурата на Генералниот секретар на ФК Работнички – Скопје, Ненад Монев, кој е одбран како еден од петте членови на Комитетот на ЕКА за социјален дијалог. Мандатот во овој исклучително важен организациски комитет на ЕКА, е во наредните четири години. Во комитетот кој е составен од пет члена, покрај нашиот клуб, членови се и Манчестер Сити, АПОЕЛ, Хајдук Сплит и Широки Брег.

Комитет за социјален дијалог (SDC), односно социјалниот дијалог на ЕУ е организиран во согласност со Европската комисија, каде од една страна се фудбалските клубови од Европа, застапени преку Комитетот на ЕКА и Унија на Европските професионални лиги (ЕПФЛ), а од друга страна е ФИФПро дивизијата Европа (Унијата на професионални фудбалери). Целта и задачите на овие тела, под мониторинг и на Европската Унија и на Европарламентот, се да разговараат и да се договорат за социјалните и работните услови на релација клубови-играчи, на ниво на врвниот професионален европски фудбал. Членовите на Комитетот за социјален дијалог на ЕКА, се одбрани од страна на Управниот одбор на ЕКА, и тие се во заедничка тесна соработка, во врска со сите случувања во социјалниот дијалог на ЕУ и ја заземаат позицијата на Управниот одбор кога се одлучува со прашања поврзани со социјалниот дијалог на ниво на ЕУ, УЕФА и ФИФА.

Согласно статутот и организациската поставеност на ЕКА, со самиот избор за членувањето во Комитетот, ФК Работнички е еден од клубовите-носители во Работната група за институционални односи на ЕКА (SDC). Во оваа работна група членуваат 20 клубови, кои се претставени од луѓе кои се на високи раководни функции во нивните клубови. Членови се фудбалските клубови Пари Сен Жермен, Барселона, Интер, Рома, Галатасарај, Андерлехт и др.

„Особена чест и задоволство ми е што јас и ФК Работнички, во наредните четири години ќе бидеме дел од Комитетот за социјален дијалог на ЕКА и Работната група за институционални односи. Веќе пет години сум дел од оваа асоцијација, како клупски претставник. Пред две години ми овозможија да бидам дел од престижната едукативна програма за клупски менаџмент (ECA CMP) и по успешното завршување во јуни годинава, ова дојде како нов голем професионален предизвик, како за мене така и за ФК Работнички, како репрезенти на македонскиот фудбал на ова високо европско ниво. Можноста да бидеме, да анализираме, да креираме и одлучуваме рамо до рамо со големите фудбалски клубови, за мене преставува голем мотив, но и одговорност. ФК Работнички од секогаш важел за еден од најдобро организираните спортски колективи во земјава и искуството кое го стекнав во иминативе девет години како дел од менаџментот на “Херојот од Дебар Маало”, ми овозможи да го достигнам ова и да продолжам да работам во иднина на едно повисоко професионално ниво и сето искуство стекнато таму да го пренесам овде во мојот Работнички”, вели Генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев.

Мисијата на Работната група за институционални односи на ЕКА (IR WG), е во наредните четири години да осознае и да подготви план, како Европската Клупска Асоцијација (ЕKА) може најдобро да се вклучи и да се пронајде во соработката со различните сфери на фудбалската игра и фудбалот воопшто во Европа и пошироко, а воедно да изнајде модули и начини за што подобро позиционирање на клупските интереси во рамките на глобалното опкружување во модерниот клупски професионален фудбал во Европа.

Европската клупска асоцијација (ЕKА) е асоцијација која ги претставува интересите на најдобрите клубови во своите земји, односно професионалното здружение на фудбалските клубови во УЕФА. Асоцијација кој е признаена од УЕФА и ФИФА и е формирана во 2008 година, како замена на Г-14, која се состоеше од мал број елитни клубови и беше непризнаена од УЕФА. Mисијата на ЕKА е да се создаде нов, подемократски модел на управување, кој навистина ја одразува клучната улога на клубовите во модерниот фудбал. Како организација се стреми кон унапредување на неколку фудбалски полиња: клупските придобивки, програма за заштита на клубовите и нивните интереси, финансискиот фер-плеј, владеење на спортското право, меѓународниот календар на натпревари и прашањата на ЕУ.

„ФК Работнички е клуб кој секогаш тежнее да ги следи новите текови во европскиот фудбал и нашето присуство во ЕКА е мошне значајно во тој поглед, за црпење на нови искуства и нивно применување во клупското егзистирање. Чест е да се биде дел од структурите на ЕКА и се надеваме дека и во иднина ќе имаме полн придонес со членувањето на Генералниот секретар Ненад Монев во Комитетот за социјален дијалог“, истакнува претседателот Драган Поповски.

На Генералното собрание на ЕКА во Женева на 09-10 септември првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели, беше реизбран на претседателската функција. Во Извршниот борд членуваат и Насер Ал Келаифи (ПСЖ), Педро Лопез Хименез (Реал Мадрид), Раул Санлехи (Арсенал), Едвин ван дер Сар (Ајакс), Ед Вудворд (Манчестер Јунајтед), Хозеп Мариа Бартомеу (Барселона) Михаел Герлингер (Баерн Минхен)…