shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Пораз (1-2) од Академија Пандев на домашен терен

Работнички загуби од Академија Пандев со 1-2 на арената „Тодор Проески“ во четвртото коло од Првата фудбалска лига. По ова, тимот се наоѓа на деветтата позиција на табелата со три освоени бода.

Гостите поведоа уште во првата минута. Дамјан Шишковски лошо ја дегажираше топката, таа дојде до Сашко Пандев, кој со одмерен удар од 16 метри ја погоди мрежата на Работнички.

Во осмата минута, Љупчо Дориев со шут од 25 метри ја погоди гредата од голот на Работнички, а истиот фудбалер десет минути подоцна се закани и со волеј удар.

По ова, избраниците на Александар Влахо тргнаа во офанзива. Се закани Марковиќ од слободен удар, а одбраната на Академија Пандев по мешаницата едвај расчисти.
Работнички израмни во 39.минута со одличниот погодок на Николче Шаркоски. Тој се одлучи на удар од далечина и го надмудри Чубраковиќ.

Во 54.минута, Маслаќ шутираше со глава, но непрецизно. Нововлезениот Јаго Гомез можеше да го доведе Работнички во водство во 67.минута, но Чубраковиќ одлично интервенираше, а потоа Академија Пандев постигна втор погодок.

Во 78.минута, Марио Крстовски со волеј удар од десетина метри го погоди дирекот, а топката потоа ја затресе мрежата на Шишковски.

Следува пауза во шампионатот поради репрезентативни активности во квалификациите за ЕП 2020, а во петтото коло Работнички ќе и гостува на Шкендија во Тетово.