shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Работнички дел од проектот „Реал Мадрид Фондација Клиник“

ФК Работнички е дел од новиот проект „Реал Мадрид Фондација Клиник“ кој преку лиценцираниот партнер во Македонија, „Еуроспорт Арена“, го стартува фондацијата Реал Мадрид, за организација на фудбалски кампови со фудбалските клубови од нашата земја.

Работнички ја има честа да биде организатор оваа година на проектот од големи размери, заедно и со второлигашите Кит-Го и Тиквеш.

„По незаборавните доживувања со претходните два кампа, „Real Madrid Foundation Campus Experience“ во Скопје и во Охрид, чест ми е што можеме да одиме едно скалило погоре и во Македонија да го реализираме следниот нов проект именуван во „Real Madrid Foundation Clinic”. Тој ќе се реализира исклучиво во соработка со фудбалски клубови и школи во Македонија и чест ни е да ја најавиме соработката со фудбалските клубови Работнички, Кит-Го и Тиквеш, која ќе се реализира истовремено, од 17 до 21 јуни, со фудбалски кампови во Скопје, Штип и во Кавадарци. Според принципите на „Реал Мадрид Фондација Клиник“, младите фудбалери од македонските клубови и школи ќе имаат можност да уживаат во уникатен пристап за обука и спортски вредности и ќе се стекнат со неверојатно фудбалско искуство, додека тренерите од фудбалските клубови Работнички, Кит-Го и Тиквеш, ќе бидат вклучени во кампот и ќе работат според уникатниот пристап и методи за обука на „Реал Мадрид Фондација Клиник“ – изјави Влатко Тодев, прв човек на „Еуроспорт Арена“ на денешната прес-конференција во Скопје, на која присуствуваше и генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев.

„Голема чест ни е што ќе бидеме дел од организацијата на еден ваков фудбалски камп со европско педигре. Работнички секогаш вложува многу во својата младинска школа и се радуваме што ќе можеме да им го понудиме на нашите млади фудбалери ова неверојатно доживување“ – истакна Ненад Монев.

Фудбалски камп во рамките на „Реал Мадрид Фондација Клиник“ зад кој ќе стои ФК Работнички ќе биде организиран во Скопје.

„Учесниците на кампот ќе добијат оригинална спортска опрема од „Реал Мадрид Фондација“, неколкумина ќе бидат избрани и да присуствуваат на изборниот камп во Шпанија, да бидат една седмица во Мадрид, на тренинг-комплексот „Валдебедас“ и да имаат неверојатно доживување. Преку нашиот партнер Iute Credit овозможено е плаќањето за учество на камповите да се изврши на десет рати, со многу поволни услови за сите корисници кои ќе аплицираат за учество“ – вели Влатко Тодев.

На прес-конференцијата присуствуваа и првиот човек на ФК Кит Го, Кирил Гогов како и претставникот на ФК Тиквеш, Трајче Димитриев. Беа присутни и претставници на Iute Credit и на Ресурсен Центар, Михаил Андоновски и Александар Мазнев, кои исто така ќе бидат вклучени во организацијата на овој голем фудбалски проект на „Реал Мадрид Фондација“.