shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Тасевски: Тимот го издржа психолошкиот притисок, важен триумф против Победа

Работнички стигна до првиот пролетен триумф, совладувајќи ја Победа на гости со 0-1. Стрелец на победничкиот гол беше дефанзивецот Владимир Димитровски.

Беше тоа многу важен натпревар за составот на Жикица Тасевски, а тој вели дека фудбалерите имале одличен одговор на теренот, ‘победувајќи’ го и психолошкиот притисок.

„Тимот го издржа психолошкиот притисок, едноставно моравме да победиме по двете ремија на стартот на пролетниот дел од првенството. Фудбалерите ја сфатија важноста на бодовите, одигравме мудро, дисциплинирано и на квалитет го добивме натпреварот. Го отворивме мечот навремено со погодок и потоа ја имавме контролата. Освоени се трите бода, тоа е најважно, сега ја затвораме таа приказна и се фокусираме на следниот многу важен натпревар против Академија Пандев“, вели шефот на стручниот штаб, Жикица Тасевски.

Работнички по 21.коло се наоѓа на четвртата позиција на табелата со 31 освоен бод.