shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Убедлив триумф (5-1) над Македонија ЃП

Работнички ја оствари втората последовна победа, вкупно седма во првенството, совладувајќи ја Македонија ЃП со 5-1 во 16.коло од Првата фудбалска лига. Со ова, нашиот тим се зацврсти на четвртата позиција на табелата со 23 бода.

Гостите од Ѓорче Петров офанзивно го отворија натпреварот, се закани Тантуровски со два обиди, а во вториот со удар со глава ја погоди гредата од голот на Работнички. Но, резултатот го отвори Петар Петковски во 29.минута. Тој упати силен шут од 25 метри, топката удри во противнички фудбалер и потоа на чуден начин отседна во мрежата, лобувајќи го голманот Стојан Димовски. Само една минута подоцна, Филип Мишевски реагираше лошо на нафрлувањето од десната страна, постигна автогол и Работнички поведе со 2-0.

Филип Петковски во 55.минута беше стрелец на третиот гол. По проигрувањето од Шаркоски тој успеа да погоди и да ги разреши дилемите околу победникот. Сепак, до крајот имаше уште голови.

Македонија ЃП постигна почесен погодок во 70.минута преку Илирид Адеми. Себастијан Херера одлично изведе слободен удар и стрелаше во 82.минута, а човекот што ја отвори серијата, и ја затвори со петти погодок, Петар Петковски.

РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 5-1 (2-0)

Арена „Филип Втори“. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелци: П. Петковски 29’, 90’, Мишевски а.г.30’ Ф. Петковски 55’, Херера 82’ (Работнички), Адеми 70’ (Македонија ЃП). Ж. картони: Пеев, П. Петковски, Ф. Петковски, Стевановиќ (Работнички).

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Тодоровски (86’ Митрев), Херера, Борха, Димитровски, Пеев, Стевановиќ, Шаркоски, Бопесу (77’ Ацковски), П. Петковски, Ф. Петковски (73’ Гофри).

МАКЕДОНИЈА ЃП: Димовски, Родригес (80’ Пецов), Мишевски, Билали, Соуза (59’ Адеми), Стојановски, Божиновски, Филиповски, Тантуровски (66’ Миовски), Робсон, Кировски.