shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Ѓоре Јовановски: Добивме убава лекција, одигравме најслабо сезонава

Работнички доживеа убедлив пораз (6-2) на гостувањето кај актуелниот првак Шкендија во рамките на петтото коло од Првата лига. Иако мечот почна со водство за составот на Ѓоре Јовановски, потоа следеше голем пад во играта што Шкендија го искористи да стигне во водство од 3-1 на полувремето. До крајот, мечот се движеше во непосакувана насока за Работнички.

Шефот на стручниот штаб Ѓоре Јовановски вели дека неговиот тим го одигра најслабиот натпревар оваа сезона, потенцирајќи дека поразот треба да биде убава лекција за понатамошниот тек од сезоната.

„Добивме убава лекција од Шкендија. Го одигравме најслабиот натпревар оваа сезона и очигледно е дека ќе мораме да исправиме многу грешки во нашата игра. Секој фудбалер ќе треба добро да се замисли како одиграл и во иднина да се труди да биде многу подобро, секако, сето тоа вклопено во еден тимски дух. Сепак, нема да дозволиме овој пораз да не вовлече во непосакувани води и мораме веднаш да се фокусираме на следниот меч. И големи клубови како Манчестер јунајтед губеле со 6-2, а потоа станувале и шампиони. Веќе в среда не очекува првиот осминафинален натпревар од Купот на Македонија, кога му гостуваме на Тиквеш. Ќе се насочиме максимално на тој дуел, а во наредните дваесетина дена не очекуваат дури седум натпревари“, вели Ѓоре Јовановски.

Во рамките на шестото коло од Првата лига, Работнички в сабота ќе го пречека Вардар на арената „Филип Втори“, а мечот ќе се одигра од 19 часот, под рефлектори.