shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Прва победа сезонава: Совладан Силекс на „Филип Втори“

По оној прв пораз од Ренова, Работнички дојде до првата своја победа сезонава. Во 2. коло од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига „романтичарите“ на националната арена „Филип Втори“ сосема заслужено стигнаа до триумф од 2-1 против кратовски Силекс.

Триумфот беше обезбеден благодарение на одлично одиграното прво полувреме во кое беа постигнати двата погдоци на составот на Ѓоре Јовановски. Двоен стрелец Петар Петковски, а двоен асистент крилниот дефанзивец Бопесу.

Натпреварот почна со прва шанса за Силекс во 11. минута. Но откако не ја искористи Дарко Додев, веднаш брз контранапад на Работнички преку Бопесу кој имаше соло акција повеќе од 50 метри за да во гостинскиот шеснаесетник одлично асистира до Петар Петковски на кого не му беше тешко од непосредна близина во 12. минута да донесе водство од 1-0.

Во 29. минута Мбела имаше убава можност да донесе израмнување за Силекс, но не реализираше. Па, кога не се користат шансите на спротивната страна следеше казната и „романтичарите“ во 36. минута дојдоа до водство од 2-0 со нов гол на Петар Петковски. Овој пат фантастичен погодок со шут откосо од околу 20 метри, прецизно стрелајќи под самата греда од голот на Силекс. Тоа беше трет погодок за Петковски на стартот од сезоната. Покрај денешните два претходно во првото коло постигна убав погодок и против Ренова.

Во второто полувреме гостите тргнаа далеку поагресивно кон голот на Даниел Божиновски. Но, единствено што успеаја да направат е преку пенал во 70. минута со прецизен удар на Парфаит да го ублажат поразот на 2-1. Во шеснаесетникот претходно беше соборен Мбела.

Во следното трето коло од шампионатот Работнички на 26. август гостува на прилепска Победа.