shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Јовановски: Подготвени сме за Хонвед

Шест дена остануваат до првиот меч на Работнички во квалификациите на Лигата на Европа. Противник е унгарскиот претставник Хонвед, а воведниот натпревар е закажан за 11 јули, со почеток во 17.30 часот, на комплексот на ФФМ.

По подготовките во Словенија, тимот на Работнички се врати во Скопје, и се подготвува за дуелите со Хонвед. Иако пријателските мечеви не минаа добро од резултатски агол, сепак, шефот на стручниот штаб Ѓоре Јовановски вели екипата е подготвена за предизвикот во квалификациите за Лигата на Европа.

„Не минавме најдобро на резултатски план на пријателските натпревари, но, тие сепак служат за воигрување на тимот и за испробување на повеќе варијанти во играта. Им дадовме шанса на сите фудбалери да се наметнат, и мислам дека подготвени ќе го дочекаме двомечот со Хонвед. Но, едно се пријателски мечеви, а сосема нешто друго да се игра во Европа. Допрва ќе видиме како сме се подготвиле. Верувам дека фудбалерите ќе го дадат максимумот, можеби Унгарците се и фаворити со оглед на традицијата и славното минато, но ние сме оптимисти и се надеваме на успех“, вели шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски.

Работнички, утре со почеток во 17.30 часот, ќе одигра пријателски натпревар против Вардар, на игралиштето во Аеродром.