shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Ѓоре Јовановски: Мисијата е комплетирана, фудбалерите на заслужен одмор

Работнички со одличен финиш на сезоната успеа да заврши на третото место на табелата во Првата фудбалска лига на Македонија и избори пласман во Лигата на Европа. Целта е исполнета, мисијата на шефот Ѓоре Јовановски и на фудбалерите е комплетирана.

„Работевме напорно, честитки за фудбалерите кои издржаа огромен притисок и вложија големи напори, но сега со задоволство можеме да кажеме дека мисијата е комплетирана. Целта на клубот беше да обезбеди повторно учество во европските купови и среќни сме што успеавме да го реализираме тој план. Морам да кажам дека тимот одигра феноменално оваа пролет, надоместивме двоцифрена бодовна разлика и на крајот завршивме на посакуваната трета позиција“, анализира тренерот Ѓоре Јовановски.

Фудбалерите веќе добија заслужен одмор, а стручниот штаб од утре ќе продолжи со работа со фудбалерите од младинскиот погон, а, секако, заедно со раководството ќе се селектира и тимот за следната сезона, за настапите во Лигата на Европа, но и за предизвиците во новиот шампионат.

„Фудбалерите добија заслужен одмор до 10 јуни. И тоа со јасна порака, да не размислуваат воопшто за фудбал, туку убаво да се одморат, затоа што вложија натчовечки напори во изминатиот период. Во меѓувреме, стручниот штаб ќе работи со младинците, сакаме да видиме со каков потенцијал располагаме, а секако ќе има и нови засилувања во овој летен преоден рок“, истакнува шефот на стручниот штаб.