shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Еврогол на Ангелов за триумф над Вардар

Работнички го совлада Вардар со 0-1 во дерби натпреварот од 30.коло во Првата фудбалска лига. Со овој триумф, нашиот тим се зацврсти на четвртата позиција на табелата со 41 бод. Стрелец на победничкиот погодок беше Виктор Ангелов во 56.минута, кој изведе фантастичен потег и со удар со левата нога ја смести топката зад грбот на Алексовски, во неговиот спротивен агол.

Дербито донесе допадлив фудбал, а Работнички беше многу позаинтересиран за освојување на трите бода. Кире Маркоски во 21.минута имаше одлична шанса да донесе водство, шутираше од десетина метри, но Алексовски одбрани со нога.

Блажевски се закани кон голот на Божиновски со удар од работ на шеснаесетникот, но голманот на Работнички беше сигурен.

Во вториот дел, Работнички тргна уште поофанзивно и тоа донесе ефект во 56.минута. Ангелов во соло пробив по десната страна го надмудри Битанг, и со левата нога постигна вистински еврогол.

Вардар сакаше да возврати преку Попзлатанов, кој шутираше откосо од десната страна, но Божиновски повторно беше на висина на задачата. До крајот остана да мирува мрежата на нашиот тим, а Работнички славеше важна победа против големиот ривал.

ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ 0-1 (0-0)

Арена „Филип Втори“. Судија: Димитар Мечкаровски (Скопје). Стрелец: Ангелов 56’ (Работнички). Ж. картони: Блажевски, Новак, Попов (Вардар), Стјепановиќ, Трајчевски, Крмар (Работнички).

ВАРДАР: Алексовски, Брдаровски, Грнчаров, Новак, Попов, Марковиќ (67’ Реџепи), Битанг, Исени, Попзлатанов, Блажевски (64’ Бериша), Барсегјан (62’ Стојков).

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Крмар, Митрев, Најдовски, Асани (46’ Петковски), Садики, Трајчевски, Стјепановиќ, Серџо јуниор (87’ Дурански), Маркоски, Ангелов (81’ Кировски).