shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Работнички ремизираше (1-1) против Академија Пандев

Работнички ремизираше (1-1) против тимот на Академија Пандев во рамките на 25.коло од Првата фудбалска лига. Овој натпревар се одигра на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот.

Прв се закани Виктор Ангелов од слободен удар во седмата минута. Неговиот шут беше силен и прецизен, но Вујанац успеа да го скроти од втор обид. По ова, и Гофри шутираше, но не беше прецизен, а Академија Пандев дојде во водство во 36.минута.

Одбраната на Работнички не ја расчисти добро опасноста, топката дојде до Давид Атанаскоски, кој се доближи на околу 25 метри и со удар со десната нога успеа да го изненади Даниел Божиновски.

По примениот гол, Работнички тргна многу поодлучно кон голот на гостите. Се обиде Ангелов, а во 64.минута, Петар Петковски беше соборен во шеснаесетникот, по што судијата Мечкаровски покажа на белата точка. За жал, Ангелов не беше успешен реализатор и шутираше над голот на Вујанац.

Но, само пет минути подоцна, дојде израмнувањето за Работнички. По центаршутот од десната страна, слабо реагираше одбраната на Академија Пандев, тоа го искористи нововлезениот Николче Шаркоски и од непосредна близина ја затресе противничката мрежа.

По ова реми, Работнички се наоѓа на петтата позиција на табелата со 29 освоени бода.

РАБОТНИЧКИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-1 (0-1)

Комплекс „Петар Милошевски“ на ФФМ. Судија: Димитар Мечкаровски. Стрелци: Шаркоски 69’ (Работнички), Атанаскоски 36’ (Академија Пандев).

РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Рашо, Митрев, Садики, Асани, Стјепановиќ, Лазаров, Петковски, Серџо јуниор, Гофри, Ангелов.

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ: Вујанац, Димов, Атанаскоски, Чешмеџиев, Михаилов, Вареловски, Иванов, Стоилов, Мишов, Грифони, Балдовалиев.