shopping-bag 0
Items : 0
Subtotal : 0 MKD
View Cart Check Out

Трајчевски: Работнички има иста цел, пак да игра во Европа

Работнички бележи позитивен тренд, во изминатите три кола нанижа три победи и се искачи на шестото место на табелата со 16 освоени бода. Слабиот старт е минато, а промената на тренерската позиција донесе нови ветришта. Од повреда се врати и капитенот Душко Трајчевски, кој најавува дека и оваа сезона Работнички има иста цел, да избори излез на европска сцена.

„Среќни сме што го оставивме зад нас лошиот период. Имавме навистина непријатен старт на првенството, можеби и затоа што многу рано почнавме со настапи, во квалификациите за Лигата на Европа. Ни се случија и неколку повреди, дел од фудбалерите не можеа да играат, а имаше и промени во играчкиот кадар. Но, не се навраќаме сега на минатите денови, туку сакаме да продолжиме со овој позитивен тренд. Тимот почна полека да функционира и според замислите на новиот шеф на стручниот штаб Горан Станковски, иако сите мислиме дека има уште многу простор за поголем напредок во играта“, анализира капитенот Душко Трајчевски.

Тој денеска полни 27 години, и како една од роденденските желби, секако, е Работнички повторно да игра во Европа и следната сезона.

„Апсолутно. Прва и основна желба е да ме служи здравјето, а што се однесува до клубот, Работнички повторно да обезбеди излез на европската сцена. И верувам дека сме на вистинскиот пат по овие последни игри и победи. Долго е првенството, ќе има уште многу тешки натпревари, но Работнички покажа дека има потенцијал да се бори за позициите при самиот врв на табелата во Првата лига“, истакнува Трајчевски.